17.04.2026 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп завчера го прогласи Ормускиот Tеснец за „трајно отворен“ по разговорите со својот кинески колега Си Џинпинг, додека расте притисокот врз САД да ја прекинат војната со Иран и да го обноват глобалниот поморски превоз. Трамп притоа вети дека повторно ќе го отвори теснецот за Кина во отстапка кон трговскиот ривал, нагласувајќи дека „оваа ситуација никогаш повеќе нема да се случи“. Ваквиот развој на настаните се смета за важен чекор кон постигнување примирје додека се очекува обновување на мировните преговори помеѓу САД и Иран, пренесуваат светските медиуми.
Американската блокада уште е во сила
Американскиот лидер претходно истакна дека ги ангажира американските сили да наметнат блокада за иранските пристаништа во регионот, потег за кој армијата на САД соопшти дека целосно ја запрел трговијата што влегува и излегува од Иран по поморски пат. Американската армија соопшти дека девет брода ги почитувале упатствата на американските сили да се свртат и да се вратат кон Иран за време на блокадата на пристаништата.
Блокадата е целосно во сила и функционира. Како што е објавиено, ниту еден брод не ја поминал блокадата, што влијае на бродовите што патуваат до и од иранските пристаништа. Претседателот јасно стави до знаење дека сака теснецот да биде отворен за да се олесни слободниот проток на енергија, а земјите се добредојдени да купуваат нафта од Соединетите Американски Држави – изјави висок функционер од администрацијата на американскиот претседател, објави дека Техеран ќе се префрли на алтернативни пристаништа, заобиколувајќи ја американската блокада.
Четириесет и пет дена откако Иранската револуционерна гарда го прогласи теснецот за затворен, ефикасно запирајќи околу 20 отсто од глобалните испораки на нафта и течен природен гас, транзитот низ водниот пат останува неизвесен – дури и со двонеделното примирје што сега е во сила. Сообраќајот моментално опфаќа само дел од над 130 дневни преминувања што се случуваа пред војната, според последните процени.
Се прават напори за нова рунда мировни разговори
Медијаторите се обидуваат да свикаат втора рунда разговори меѓу Вашингтон и Техеран за да се спречи повторно започнување на непријателствата, во пресрет на истекот на кревкото двонеделно примирје следната недела. Пакистанска делегација се упати кон Иран за да испланира втора рунда мировни преговори меѓу Вашингтон и Техеран, која би можела да се одржи следната недела.
Официјални лица од Пакистан, Иран и неколку земји од Персискиот Залив изјавија дека преговарачките тимови од САД и Иран би можеле да се вратат во Исламабад во текот на неделава во обид да го спасат истечениот договор за примирје. Се смета дека делегациите се согласиле да се сретнат, но сè уште не се договориле за датумот и времето.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во средата потврди дека Пекинг го поддржува „одржувањето на замавот на мировните преговори“ на Блискиот Исток, во разговор со својот ирански колега Абас Аракчи, кој рече дека смета на Кина.
Шефот на кинеската дипломатија нагласи дека Кина е подготвена да продолжи да игра „конструктивна улога“ во напорите за постигнување мир на Блискиот Исток, откако не успеа првата рунда разговори меѓу Иран и САД во Исламабад.
Трамп исто така е оптимист во врска со состојбата на преговорите, изјавувајќи дека не смета оти ќе биде потребно да се продолжи постигнатото двонеделно примирје.
Растечкото воено присуство на САД ги остава сите опции на маса
САД прават подготовки за распоредување на 6.000 војници во регионот на носачот на авиони „УСС Џорџ Х.В. Буш“ и неколку воени брода што го придружуваат. Се очекува да пристигнат уште 4.200 кон крајот на месецов, придружувајќи им се на околу 50.000 војници што веќе се наоѓаат во областа.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во однос на растечкото воено присуство рече дека Трамп „мудро ги оставил сите опции на маса во случај Иранците да не се откажат од своите нуклеарни амбиции и да постигнат договор што е прифатлив за САД“.
Доналд Трамп во писмо го замолил кинескиот претседател Си Џинпинг да не му дава оружје на Иран, на што кинескиот лидер Си одговорил дека Кина не го снабдува Техеран, изјави американскиот претседател во интервју кое се емитуваше завчера. Трамп во интервјуто снимено во вторникот не кажа кога биле разменети писмата. Минатата недела Трамп се закани со моментална царина од 50 отсто на земјите што го снабдуваат Иран со оружје.
Подготвено од М.Д.