Image by Freepik

29.04.2026 Скопје

По повод Светската недела на имунизација, УНИЦЕФ предупредува на драстичен пад на опфатот со вакцинација во Црна Гора. Навремената покриеност со првата доза од ММР вакцината (против мали сипаници, заушки и рубеола) за деца родени во 2024 година е само 13%, според податоците од Институтот за јавно здравје на Црна Гора од април 2026 година. Ова претставува драстичен пад во споредба со 88% во 2013 година. Сегашното ниво е далеку под 95% потребни за колективен имунитет, што значително го зголемува ризикот од епидемии на мали сипаници.

Во соопштението се наведува дека малите сипаници се една од најзаразните болести во светот и може да има сериозни, дури и фатални последици кај децата, особено кај оние под петгодишна возраст и кај децата со ослабен имунолошки систем.

„Кога покриеноста со вакцинација опаѓа, се создаваат услови болеста лесно и брзо да се шири, а последиците најтешко ги погодуваат незаштитените деца, особено најмладите, кои можат да развијат тешки компликации или дури и да го изгубат животот. Глобално, УНИЦЕФ проценува дека малите сипаници одземаат речиси 300 животи секој ден, претежно кај деца под пет години“, се вели во соопштението.

Во последните пет години, големи епидемии се пријавени во повеќе од 100 земји. За секое невакцинирано дете, изложеноста на вирусот значи висок ризик од инфекција и сериозни компликации.

„Сегашната покриеност од само 13% кај децата родени во 2024 година, најниската во Европа и меѓу најниските во светот, значи дека поголемиот дел од децата во Црна Гора се незаштитени и се изложени на висок ризик од една од најзаразните болести. Доколку овој тренд не се промени, не е прашање дали ќе се појави епидемија, туку кога“, изјави Микеле Сервадеи, раководител на претставничката канцеларија на УНИЦЕФ во Црна Гора.

„Падот од 88% на 13% за само една деценија значи дека повеќето деца денес се без заштитата што ја имавме некогаш и дека итно треба да ја обновиме. Вакцинацијата е најефикасниот и најбезбедниот начин за спречување на епидемии и заштита на здравјето и животите. Зошто е толку важна првата доза? Бебињата се најпогодени и се изложени на најголем ризик од фатални компликации. Затоа, првата доза од ММР вакцината претставува прва линија на одбрана во создавањето долготраен имунитет и заштита“, се наведува во него.

Две дози од MMR вакцината обезбедуваат околу 99% заштита од болеста. MMR вакцината се користи повеќе од 50 години, спасувајќи повеќе од 90 милиони животи. Таа е безбедна и ефикасна.

УНИЦЕФ повикува на:

– итно зголемување на опфатот со вакцинација преку зајакнување на рутинските програми за имунизација;

– враќање на довербата на родителите во вакцините и здравствениот систем преку подобра достапност на рутински услуги за имунизација, како и точни и проверени информации од здравствени професионалци и надлежни здравствени установи;

– поблиска соработка меѓу родителите, здравствените работници и институциите.

„Потребна е итна и координирана акција од страна на здравствените институции, носителите на одлуки и локалните заедници за да се зголеми опфатот со вакцинација без одложување и да се спречи појава на епидемија. Намалувањето на опфатот со вакцинација во Црна Гора е под влијание на неколку фактори: ширењето на дезинформации, недовербата и недоволните информации, како и предизвиците во достапноста на квалитетни здравствени услуги во одредени заедници“, се вели во соопштението.

УНИЦЕФ во Црна Гора веќе работи на справување со овој предизвик преку поддршка на зајакнувањето на комуникациските вештини на идните и сегашните здравствени работници, за да можат да водат отворени и доверливи разговори со родителите, врз основа на факти, меѓусебна доверба и разбирање на грижите.

Таквата комуникација е клучна за враќање на довербата и донесување информирани одлуки за вакцинирање на децата.

„Црна Гора не може да си дозволи уште повеќе да заостанува во заштитата на децата од болести што може да се спречат. Правото на децата на здравје вклучува пристап до вакцини што спасуваат живот, а ова мора да биде национален приоритет“, додаде Сервадеи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author