27.04.2026 Скопје
Турската влада планира сеопфатни даночни олеснувања во обид да ги привлече бизнисите и иселениците назад во земјата, пишуваат турските медиуми.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган денеска соопшти дека сите што не биле даночни резиденти во Турција во последните три години, се ослободуваат од данок на приходот заработен во странство во период од 20 години по нивното враќање.
Зборувајќи на конференцијата со наслов „Турција – силна локација за инвестиции“, Ердоган рече дека со овие мерки Турција покажува дека е стабилна земја во регион погоден од војна.
Владата планира и да помогне во репатријацијата на пари, злато и хартии од вредност што се чуваат во странство, во одреден период по ниска даночна стапка.
За турските производни извозници, Ердоган ја најави можноста за намалување на данокот на добивка на 9 од сегашните 25 проценти.
Тој го истакна проектот „Терминал Истанбул“ – стартап и технолошки центар на локацијата на поранешниот аеродром Ататурк, дизајниран да ги здружи јавниот сектор, универзитетите и приватниот сектор.
Законот наскоро ќе биде претставен пред парламентот, рече Ердоган, без да прецизира датум.
Подготвено од А.Ѓ.