germanska vojska

27.04.2026 Скопје

По стапувањето во сила на новиот закон за воена служба, значително се зголемил бројот на граѓани во Германија кои бараат да бидат ослободени од служење војска поради лични и морални убедувања, објавија германските медиуми, повикувајќи се на податоци од Федералната канцеларија за семејни и граѓански работи.

Станува збор за т.н. „приговор на совеста“ – законска можност со која лицето изјавува дека од морални или верски причини не сака да служи војска, особено да носи оружје. Само во првиот квартал од годинава, 2.656 млади поднеле вакво барање. За споредба, во текот на целата 2024 година имало 2.998 случаи, додека во 2025 година бројот изнесувал 3.867.

Се смета дека порастот е поврзан со влошената безбедносна состојба во Европа, како и со новиот закон што стапи во сила на почетокот на годината. Законот не предвидува враќање на задолжителната воена служба, туку само регистрација на машката популација родена по 2008 година. За жените, регистрацијата е доброволна.

Доколку бројот на доброволци не биде доволен, Бундестагот би можел да донесе одлука за воведување регрутација, но засега не е утврдено по кој модел би се спровела. Иако задолжителната воена служба беше укината во 2011 година, германскиот устав и понатаму гарантира право на одбивање воена служба – никој не може да биде принуден да служи со оружје против своја волја.

По руската инвазија врз Украина, Германија започна широка реформа на вооружените сили, со цел зголемување на бројот на припадници на Бундесверот од околу 180.000 на 260.000. Владата очекува оваа бројка да се достигне на доброволна основа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author