kuculovski

28.04.2026 Скопје

Попладнево е приведен Андреј Куцуловски, претседателот на подмладокот „Црвена младина“ на партијата Левица откако за време на ракометен натпревар на кадетите меѓу Македонија и Израел, кој се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје го истакнал палестинско знаме.

Информацијата за неговото приведување ја објавија од Левица преку објава на Фејсбук, каде посочија дека тој без никакво образложение грубо е оттурнат од полициските службеници и со лисици на рацете е однесен во полициска станица.

„Андреј Куцуловски е приведен поради мирно и достоинствено истакнување на знамето на Палестина и тоа како да станува збор за високоризичен криминалец! Без никакво образложение, без наведување на основ за лишување од слобода, без посочување на кривично дело или прекршок, тој беше грубо оттурнат и со лисици однесен во полициска станица. Во целиот чин, ниту еден од полициските службеници не се легитимираше“, пишуваат од партијата за случајот.

Од Левица оценуваат дека при интервенцијата е употребена сила и најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и институционални механизми за расчистување на случајот.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека попладнево е пријавено дека за време на одржување на финален натпревар од Светско училишно првенство во ракомет меѓу Македонија и Израел во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, А.К.(28) истакнал знаме од Палестина по што е преведен во полициска станица.

„Лицето е приведено во Полициска станица за сторен прекршок по чл.3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари“, се вели во полициското соопштение.

По целосно документирање на случајот, според полицијата, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author