PRETRES SHKOLI

23.04.2026 Скопје

Неколку дена по ред, полицајци претресуваат средношколци пред скопските средни училишта, а родители се жалат дека полицијата е прилично груба со децата.

Порталот пишува дека досега дрога не е пронајдена, а МВР официјално нема соопштено дали е најдено што било незаконско кај учениците.

Наместо тоа, кај дел од учениците биле најдени клешти, шрафцигери и слични алатки, а тие ученици полицајците дополнително ги проверувале. Учениците се обидувале да објаснат дека тоа е алат што го носат за да ги поправаат велосипедите со кои одат на училиште.

Родителите реагираат на ваквиот пристап, оценувајќи дека наместо масовни проверки на ученици, институциите треба да се насочат кон откривање на евентуалните извори на дрогата која не ја нашле кај децата. Дел од нив велат дека нивните деца биле вознемирени од начинот на кој се спроведувале контролите, посочувајќи дека пристапот на одредени полициски службеници бил непријатен.

„Нека тресат, ама нека бидат културни, не да го вадат од памет цело школо. Син ми беше потресен од односот на полицајците, кои биле исклучително груби. Најлесно е деца да малтретираш“, вели мајка на скопски средношколец.

Реакција имаше и од педагогот во средното училиште СУГС „Орце Николов“, од каде што посочуваат дека не биле претходно известени за ваквите претреси. МВР вели дека контролите се спроведуваат според утврден план и дека полицијата навреме ги известила училиштата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author