27.04.2026 Скопје
Поранешната обвинителка доби пријава од еден од обвинетите во „27 април“ за наводно попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба, и покрај тоа што и Кривичниот и Апелацискиот суд претходно ги одбија жалбите на осудените во овој предмет и одлучија дека нема да има повторено судење
На деветгодишнината од крвавиот упад во Собранието, кога разгневена толпа влезе и тепаше пратеници и новинари, никој од осудените не е веќе во затвор, односно сите добиле условен отпуст, иако беа осудени на долгогодишни затворски казни. Но, откако и Кривичниот и Апелацискиот суд ги одбија жалбите и одлучија дека нема да има повторено судење за осудените, сепак тие не се откажуваат, па дел од нив отидоа пред Јавното обвинителство и поднесоа кривична пријава против обвинителката Вилма Русковска за попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба.
Според него, оваа кривична пријава е само првиот чекор, односно почеток на борбата.
За Русковска, ова е замајување на јавноста откако власта на чело со ВМРО-ДПМНЕ не им го исполни предизборното ветување на осудените дека ќе ги амнестира.
Таа во едно од јавните гостувања тврдеше дека ниту една изјава и ниту еден сведок не сокрија и дека одбраната ги имала сите докази. Од Обвинителството само кратко велат дека пријавата ќе биде примена како и секоја друга и дека ќе се проверат наводите.
Премиерот Христијан Мицкоски го спомена овој случај од собраниска говорница веднаш откако беше именуван новиот републички јавен обвинител Ненад Савески и беше еден од оние за кои премиерот очекува да биде преиспитани од Обвинителството. Тој повторно побара да се дознае вистината за „27 април“.
За „крвавиот четврток“ во затвор завршија 16 лица. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието. Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот што беше донесен во Собранието кон крајот на 2018 година кога беше СДСМ на власт. Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“ – Борис Дамовски, Богдан Илиески – Бетмен, Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше дел од оваа група, воопшто не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда што подоцна беше потврдена и од Апелација. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Токму овој Закон ги спаси и обвинетите за друг предмет – организирање на упадот – па Кривичниот суд по шест години судење по третпат одлучи да го прифати барањето за амнестија на поранешните министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, потоа на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, но и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. За Атанасовски, Обвинителството достави мислење дека не треба да биде опфатен со Законот за амнестија што беше изгласан во Собранието во 2018 година и со кој беа амнестирани дел од обвинетите што упаднаа во законодавниот дом, но сепак и тој беше амнестиран.
Подготвено од А.Ѓ.