GAS

27.04.2026 Скопје

Македонија повеќе да се сврти кон обновливите извори на енергија, отколку кон инвестициите во гасна инфраструктура, бараат од еколошката организација „Еко-свест“. Таа се приклучи на група од скоро 50-ина организации кои, во пресрет на 3SI Самитот во Дубровник, ги повикаа владите на земјите од Западен Балкан, како што велат, да се спротивстават на притисоците од САД и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани.

Во заедничка изјава, организациите предупредуваат дека „наместо само да го заменат рускиот гас, овие планови значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива“.

Во споредба со Европската Унија, организациите посочуваат дека земјите од Западен Балкан имаат ниска или никаква зависност од гас. И покрај намалувањето на потрошувачката, во 2024 година гасот сочинуваше над 20 отсто од достапната енергија во ЕУ. Во Западен Балкан, најзависни од гас беа Србија (14%) и Македонија (12%). Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3%, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура.

Според Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“, планирањето на нови гасни електрани во Македонија отвора сериозни прашања за нивната економска оправданост и влијанието врз климатските цели.

Организациите ги повикуваат владите во регионот да се фокусираат на соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер – поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи – како и на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење. Тие исто така повикуваат на поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author