27.04.2026 Скопје
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска пред собраниската Комисија за надворешни работи рече дека целосно ја поддржува изјавата на премиерот дека државата не може да биде подготена да прави уставни измени без јасни гаранции и јасна предвидливост на нејзиниот европски пат.
Тој потсети на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој пред околу една година рече дека нашата држава треба да добие дополнителни гаранции, но и на министерот за надворешни работи на Белгија, кој пред неколку дена во Скопје изјави дека нам како на држава треба да ни се дадат дополнителни уверувања.
Министерот посочи дека истовремено отворено ќе зборува за пристапот на Владата на соседна Бугарија бидејќи не е само прашањето за уставните измени. Гледаме, додаде Муцунски, еден ретрограден пристап кон Акцискиот план за малцинства, документ којшто се подготвува и е во завршна фаза. На него покрај национални експерти работат и меѓународни експерти ангажирани од Советот на Европа.
„Да ја погледнеме праксата на соседна Бугарија во блокирањето на нашата иницијатива за членство во „Трите мориња“, иницијатива која што нема врска со ЕУ, но Бугарија повторно одлучува и во таа меѓународна иницијатива да користи право на вето. Треба да се гради доверба, треба да постапуваме во добра верба, но истовремено ние не можеме лековерно да се поставуваме бидејќи некој ни вели само тоа направете го и понатаму чист ќе ви биде патот“, рече Муцунски.
Нема дилема во кој геостратешки правец се движи државата, вели тој, но во делот на националниот интерес на прашањата поврзани со историја, јазик и идентитет треба да ставиме една конечна, не само точка, туку и извичник — тука државата не е подготвена да преговара.
Муцунски во одговорите на прашањата на пратениците од Европскиот фронт поврзани со ЕУ и уставните измени посочи дека прашањата поврзани со националните отстапки кон македонскиот народ се сериозно болни и тешки и оти немаме никаква гаранција дека тие тука застануваат. Според него, граѓаните во државата без разлика на етничката припадност треба да се обединат и да кажат дека ни е јасен европскиот приоритет, но „истовремено нема потреба да зборуваме за зголемување на апетити, за влошување на меѓуетнички односи“.
Подготвено од А.Ѓ.