01.04.2026 Скопје
Војната во Иран се заканува да ја прекине испораката на енергенсите, заканувајќи ѝ се на Европа тоа да предизвика шок во снабдувањето, што пак би можело да го осакати производството, да ги приземји авионите, да ги зголеми цените на храната и трошоците за кредити но и повторно да ја разгори инфлацијата како никогаш до сега.
Додека последните танкери со фосилни горива од Персискиот Залив пловат кон европските пристаништа, лидерите на стариот континент се соочуваат со предвидувањата каков ќе биде обемот на кризата.
„Доколку војната продолжи, тоа ќе биде товар за европската економија споредлив со пандемијата на Ковид или почетокот на војната во Украина“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето неодамна предупреди дека конфликтот би можел да трае „со години“, додека претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, процени оти долгорочните последици би можеле да одат подалеку од сè што е моментално замисливо.
Како што наведува бриселскиот портал, околу 20 проценти од светската нафта и гас минуваат низ Ормускиот Теснец, кој Иран го затвори со закани за напади врз бродовите и танкерите.
Во меѓувреме американскиот претседател Доналд Трамп им порача на погодените земји: „Ќе мора да научите да се борите сами. Тешкиот дел е завршен. Одете да си ја земете вашата нафта сами.
Сепак, нафтата и гасот се неопходни за транспорт, греење и целиот индустриски синџир почнувајќи од храната и пластиката до хемикалиите и земјоделството. Затворањето на теснецот, исто така, влијае на снабдувањето со ѓубрива и хелиум, неопходни за производство на микрочипови. Ефектот во моментов е највидлив во порастот на цените на горивата, но и во ширењето на кризата на други производи, при што „Сони“ директно го поврзува зголемувањето на цената на новите „Плеј стејшн“ конзоли со „притисоците во глобалната економија“.
Политико предупредува на сценарио кое шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, го нарекува „најголемата закана за глобалната енергетска безбедност во историјата“.
Недостаток
За разлика од кризите од 1970-тите или 2022 година, сегашното нарушување влијае на сè, од суровата нафта и гас до дизелот и горивото за авиони.
Аналитичарката Ана Марија Џалер-Макаревич предупредува дека пазарите се соочуваат со ретко видено сценарио за целосно затворање на клучниот енергетски коридор. Додека кризите од 1970-тите ги намалија глобалните залихи за околу 7 проценти, сега тие се засегнати со околу 20 проценти од глобалната понуда.
ЕУ првично сметаше на релативно мала зависност од Заливот, на околу 6 проценти во делот од нафтата и помалку од 10 проценти во делот од гасот, како и од алтернативните добавувачи како што се САД, Норвешка, Азербејџан и Алжир. Но, како што војната влегува во својата петта недела, ова се покажува како недоволно.
Азиските земји, кои пред војната добиваа околу 80 проценти од својата енергија од Заливот, агресивно ги купуваат преостанатите залихи и ги зголемуваат цените. Трговците ги пренасочуваат пратките кон Азија за поголем профит, заобиколувајќи ја Европа.
Според аналитичарот на „Кплер“, Чарлс Костерус, најмалку 11 танкери со течен природен гас веќе се пренасочени кон Истокот, а последниот танкер што носи катарски гас ќе пристигне во Европа за неколку дена.
„Немаме резерви. Немаме безбедност“, предупредува Џалер-Макаревич, додавајќи дека Европа би можела да ги почувствува последиците за неколку недели од сега.
Индустриски пад
Бриселскиот портал во понатамошниот дел од анализата посочува дека последиците веќе се прелеваат во индустријата, особено во хемискиот сектор, кој е ‘рбетот на европското производство. Германскиот „Ковестро“ предупредува на нагло зголемување на трошоците за логистика, суровини и енергија, кои веќе се земаат предвид во цените на производите.
Гиганот „Еурофер“ предупредува дека нестабилните цени на енергијата стануваат еден од најголемите ризици за инвестициите, особено во производството на челик со ниска содржина на јаглерод. Без стабилни и конкурентни цени на енергијата, сè потешко е да се оправдаат инвестициите во Европа.
Цените на пластиката, ѓубривата и хелиумот исто така растат. Индустријата за пластика е особено ранлива бидејќи зависи од увезената нафта и гас, додека производителите на ѓубрива предупредуваат дека енергијата сочинува 60 до 80 проценти од трошоците за производство, па затоа прекините брзо предизвикуваат верижна реакција во однос на зголемувањето на цените.
Стагфлација
Зголемените трошоци во производството, транспортот и земјоделството се пренесуваат на потрошувачите, враќајќи ја инфлацијата. Комесарот за економија Валдис Домбровскис предупредува дека овој бран би можел да личи на стагфлација, комбинацијата од слаб раст и високи цени што ги обележаа 1970-тите.
Европската комисија проценува дека економскиот раст ќе падне на околу еден процент, додека растечката инфлација би можела да ја принуди Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки. Тоа дополнително би ги направило кредитите поскапи и би ја забавило економијата.
Високите јавни долгови стануваат сè поскапи за сервисирање, а владите би можеле да бидат принудени да ги намалат јавните услуги.
Колку подолго трае конфликтот, толку потешки ќе бидат последиците, наведува магазинот.
Додека последните танкери од Заливот завршуваат со истоварувањето, Европа има недели, а не месеци, да се подготви за сериозните економски реперкусии.
Подготвено од М.Д.