The volume map of the European Union on the flag. 3d rendering.
29.04.2026 Скопје
Европската Унија синоќа повика на целосно почитување на прекинот на огнот на Блискиот Исток и ја повтори својата поддршка за решение со две држави, за време на дебатата за ситуацијата на Блискиот Исток во Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк.
Во изјавата дадена од шефот на делегацијата на Европската Унија во Обединетите нации, Ставрос Ламбринидис, ЕУ го поздрави прекинот на огнот меѓу САД и Иран, како и договорот меѓу Израел и Либан, апелирајќи до сите страни да ги прекинат воените операции и да го почитуваат меѓународното право, се вели во соопштението на ЕУ.
Особено беше нагласена потребата од слобода на пловидба низ Ормутскиот теснец и беше поддржан планот на Меѓународната поморска организација за ослободување на бродовите и морнарите заробени во Персискиот Залив.
ЕУ изрази сериозна загриженост за влошувањето на ситуацијата во Газа и на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, посочувајќи на сериозната хуманитарна криза и повикувајќи го Израел да овозможи непречен пристап до помош и работата на хуманитарните организации, вклучително и Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA).
Во соопштението се осудуваат и едностраните дејствија на Израел на Западниот Брег, кои Меѓународниот суд на правдата ги оцени како нелегални, како и насилството на доселениците врз палестинските цивили.
ЕУ, исто така, најави континуирана работа на рестриктивни мерки против одговорните актери.
Унијата, исто така, ја повтори својата посветеност на постигнување траен мир преку решение за две држави, во кое Израел и Палестина би коегзистирале во безбедни и признати граници, со поддршка на меѓународни иницијативи и зајакнување на палестинските институции.
Исто така, беше нагласена посветеноста на ЕУ за поддршка на мирна и инклузивна транзиција во Сирија, почитувајќи ги правата на сите граѓани без дискриминација.
Подготвено од А.Ѓ.