Vozilo-na-brza-pomosh-scaled-e1733688641381

22.08.2025 Скопје

Набавка на 100 нови, модерно опремени амбулантни возила, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи ширум државата, најави вчера премиерот.  Одлуката била донесена на последната владина седница.

„Наш главен приоритет е токму обновата на овој тип возен парк во јавните медицински установи, имајќи во предвид дека таму е катастрофално алармантна состојбата. Луѓето се потпираат на оние возила кои се донација. Како влада на последната седница донесовме одлука за отпочнување набавка на 100 нови модерно опремени возила, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи ширум државата”, најави премиерот.

Меѓу последните донации беше онаа од Делегацијата на ЕУ во Скопје, која лани обезбеди седум амбулантни возила финансирани од ЕУ за Итната помош во Скопје и за Здравствениот дом Скопје, со што делумно се ублажи недостигот од возила во главниот град.

Возниот парк на здравствените установи досега најмногу се обновуваше преку донации. Според базата на податоци на сите амбулантни возила во земјава што ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во 2019 година, повеќе од половината (53%) биле добиени како донација или на користење од друга здравствена институција. Тој процент се зголемил во следните четири години. Според истражувањето објавено во 2023 година, здравствените установи добиле на користење или како донација дури 73% од амбулантните и санитетски возила, додека само околу 22% од возилата ги купиле со сопствени средства.

Во 2019 година земјава имала вкупно 183 амбулантни возила, со кои располагале 47 здравствени институции. За споредба, тогаш министерствата и општините (според базата на ЦКГ од 2018 година) имале на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 15-то патничко возило доаѓало по едно амбулантно возило. Тогаш, просечната старост на амбулантите и санитетски возила била 11 години. Двете најстари возила биле од 1988 година, а најупотребуваното имало поминато дури 1 милион и 360 илјади километри.

Едно од тие возила од 1988 година (марка „мерцедес“) фигурира и во истражувањето на ЦГК од 2023 година, а него го користела Болницата за респираторни заболувања во Отешево. Во 2023 година имало 263 амбулантни и санитетски возило во вкупно 58 здравствени установи. Просечната старост на возилата била 12 години. Тогаш најнови биле две возила набавени во 2022 година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово. Просечната набавна вредност на возилата била 38 илјади евра. Најскапо купени такви возила во земјава, воопшто, биле двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра.

Дел од граѓаните слушнале за одлуката за набавка на сто амбуланти возила, дел не, но сите без исклучок ја сметаат за исклучително значајна. Таква набавка би била историски најголема досега, со оглед дека возниот парк во здравствените установи со години наликува на ‘крпен живот’ – амортизирани возила, чести дефекти, крпења, поправки, а ретко подновување со нови.

Во 2020 година Министерството за здравство се пофали со набавката на 12 нови возила за Итната медицинска помош и 13 нови возила наменети за единицата за домашно лекување во градот Скопје. Од 12-те возила за
Итна помош шест беа распределени во Скопје, а другите шест во здравствените домови во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и Дебар, што беше само капка во морето од потреби.

Последната реално поголема набавка на амбулантни возила беше раеализирана пред повеќе од една деценија, во мандатот на министерот за здравство, Никола Тодоров, во ноември 2012 година. Тогаш беа набавени 69 врвно опремени возила за Итната медицинска помош марка „Рено“, опремени со ЕКГ апарат, дефибрилатор, респиратор, телемедицинска и друга опрема.

Подготвено од М.Д.

About Author