26.04.2024 Скопје

Палестинската група Фатах денеска го обвини раководството на Хамас дека води политика со која му ја врати контролата на Појасот Газа на Израел.

„Појасот Газа е повторно под контрола на Израел поради политиката на Хамас. Ова е причината поради која сме принудени да учествуваме во преговорите со Израел за повлекување на неговите војници од енклавата“, се наведува во соопштението на Фатах.

Фатах рече дека Хамас во моментов се обидува да стане дел од Организацијата за ослободување на Палестина, но тоа го прави „само за да се зачува и преживее“.

Постојат големи разлики меѓу Фатах, со седиште на Западниот Брег и Хамас, кој го контролира Појасот Газа, а кои не се решени и покрај бројните состаноци меѓу претставниците на различни палестински фракции.

Последните такви разговори беа одржани во Москва на 1 март, а страните потоа прогласија единство во спротивставувањето на агресијата во Газа.

Меѓутоа, на 15 март Хамас ја критикуваше одлуката на палестинскиот претседател Махмуд Абас да формира нова влада на технократи, а како одговор Фатах го критикуваше Хамас за нападот врз Израел на 7 октомври, велејќи дека тој не бил координиран со други групи и само ја влошил ситуацијата за палестинскиот народ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *