29.03.2024 Скопје

Штипската фирма САНС АГ која произведуваше течно гориво од гуми во атарот на Пенуш заработи парична глоба. Одлуката на Основниот суд Штип ја објави Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање.

За затекнатите буриња со течното гориво, а за коешто анализите покажаа дека е штетно за здравјето на луѓето и за животната средина паричната глоба изнесува вкупно 1.750 евра, од кои 1.500 за правниот субјект, а 250 евра за одговорното лице.

Инспектори од неколку државни инспекциски служби околу две години го чешлаат работењето на оваа компанија. Раководителотот на Секторот за инспекциски работи во Општина Штип, Тоше Ѓоргиевски вели дека од пред еден месец ја започнале постапката за одземење на Б дозволата на оваа фирма.

Постапката е почната по извршените контроли и на државниот и на општинскиот инспектор за животна средина и известувањето кое пристигнало од ресорното Министерство дека оваа штипска фирма неколкукратно ги прекршува условите пропишани со Б дозволата.

Финансиската полиција отвори истрага за зделките со мазут меѓу САНС АГ и РКМ затоа што откриле фиктивни фактури со лажни податоци.

Пред две години  војници на АРМ од полигонот на Криволак се пожалиле на здравствени проблеми, по што државниот инспекторат за животна средина доби и допис од Министерството за одбрана за оваа фабрика за преработка на гуми, лоцирана среде пустелија во реонот на Пенуш. Чадот од оваа фабрика, опкружена со автомобилски гуми подолго време не го гледаат жителите на Штип.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *