06.08.2026 Скопје
Американскиот Стејт департмент ќе ги проверува профилите на социјалните мрежи на странските новинари кои аплицираат за визи за работа во Соединетите Американски Држави.
Конзервативниот портал „Дејли Сигнал“, повикувајќи се на интерен меморандум, објави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја проширува претходната мерка, според која кандидатите за многу видови визи мора да ги направат своите профили на социјалните мрежи јавно достапни за верификација, и дека сега ќе вклучува и претставници на странски медиуми.
Како што е наведено, проверките сега ќе ги опфатат и кандидатите за втор вид работна виза наменета за работници од Канада и Мексико.
Портпаролот на Стејт департментот изјави дека она што агенцијата го нарекува „верификација на онлајн присуство“ се користи за да се утврди дали кандидатите ги исполнуваат условите за виза според американскиот закон.
„Стејт департментот спроведува најголеми можни проверки на биографијата на сите странски државјани кои сакаат да влезат во Соединетите Држави за да се осигури дека тие ќе ги почитуваат законите на САД, вклучително и барањата за престој, и дека не претставуваат закана за безбедноста на САД, јавната безбедност или националните интереси“, рече портпаролот.
Минатиот месец, Министерството за внатрешна безбедност на САД ги заостри правилата што го регулираат престојот на странски новинари кои работат во Соединетите Држави, како и на други носители на визи, вклучително и странски студенти.
Одлуката доаѓа по низа мерки преземени од администрацијата на Доналд Трамп од почетокот на неговиот втор мандат во јануари 2025 година, кои сè повеќе ги земаат предвид онлајн активностите и објавите на социјалните медиуми при донесување одлуки за имиграција и визи.
Овие мерки предизвикаа загриженост кај организациите за граѓански слободи за потенцијалната закана за слободата на говорот.
Службата за државјанство и имиграција на САД (USCIS) соопшти дека ќе ги разгледа објавите од имигрантите и апликантите за виза, вклучително и содржината што ја смета за антисемитска или изрази на „антиамериканизам“.
Администрацијата, исто така, ги откажа визите за странски студенти во САД кои учествувале во пропалестински активности, а во некои случаи се обиде и да ги депортира.
Стејт департментот во октомври 2025 година објави дека им ги поништил визите на шест странски државјани поради нивните коментари за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк и рече дека ќе продолжи да ги идентификува носителите на визи за кои верува дека го славеле убиството.
Подготвено од А.Ѓ.