UNICEF

04.08.2026 Скопје

Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) го повтори својот апел до Русија и Украина да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право, со посебен акцент на заштитата на децата и цивилната инфраструктура.

Организацијата изјави дека децата имаат право да бидат безбедни таму каде што живеат, учат и си играат, без оглед на тоа во која земја се наоѓаат.

Едно девојче беше убиено во воздушен напад врз игралиште во Русија во неделата, додека најмалку три деца се меѓу жртвите на нападот на плажа во Краснодарската област, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.

Организацијата нагласи дека цивилните објекти, особено местата каде што живеат деца, мора да бидат заштитени во согласност со меѓународното право.

Во исто време, УНИЦЕФ наведува дека најмалку шест деца се убиени, а 19 други се повредени во напади во Украина во текот на изминатите седум дена.

Организацијата соопшти дека секој напад што одзема животи на деца претставува неприфатливо кршење на основните хуманитарни принципи.

„Нападите во кои се убиваат и повредуваат деца мора да престанат“, нагласи УНИЦЕФ, повикувајќи ги сите страни во конфликтот да преземат сите мерки за заштита на цивилите, особено најмладите, од последиците од војната.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author