TURCIJA

16.06.2026 Скопје

Турските власти ќе ги зголемат таксите за бродски премин низ Босфорот и Дарданелите за 15 проценти од 1 јули, како дел од редовната годишна ревизија на тарифите.

Според податоците од турското Министерство за транспорт, објавени од НТВ, минатата година низ Босфорот и Дарданелите поминале повеќе од 40.000 бродови. Просечните такси по поединечен брод се движеле помеѓу 15.000 и 30.000 долари.

Како што е наведено, собраните средства главно се користат за финансирање на работата на крајбрежните служби, спасувачите, медицинските екипи, како и за отстранување на последиците од поморските несреќи.

Од јули минатата година, надоместокот за транзит низ турскиот теснец изнесуваше 5,83 долари по тон, додека новото зголемување од 15 проценти ќе ја зголеми на 6,7 долари по тон. Турските власти ги зголемуваат тарифите за транзит на бродови низ теснецот еднаш годишно од 2022 година. Пред тоа, надоместокот изнесуваше само 0,8 долари по тон.

Турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу во декември минатата година објави дека Анкара планира да го прошири својот систем за контрола на безбедноста на бродовите кон Црното Море. Тој додаде дека се планира итно воведување на системот во источниот Медитеран за подобро контролирање на ситуацијата во областа од Мерсин до Кипар.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author