23.06.2026 Скопје
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и американскиот државен секретар Марко Рубио денес во телефонски разговор со либанскиот претседател Џозеф Аун изјавија дека Вашингтон продолжува да ги спроведува договорите постигнати во Швајцарија, вклучувајќи ги и плановите за консолидирање на прекинот на огнот во Либан.
Во соопштението се вели дека сè уште се во тек дискусии за воспоставување механизам за зајакнување на прекинот на огнот и следење на неговото спроведување, пренесува Ројтерс.
Петтата рунда преговори меѓу Либан и Израел, под покровителство на САД, започна во Стејт департментот во Вашингтон, а либанскиот претседател изрази надеж дека разговорите би можеле да бидат „одлучувачки“.
Аун рече дека Либан не го прифаќа континуираното израелско присуство на југот од земјата, ниту какво било странско мешање во внатрешните работи на земјата, алудирајќи на Иран.
„Не прифаќаме ништо помалку од крај на израелската окупација и во исто време отфрламе какво било странско мешање. Нашата единствена опција е националниот суверенитет и се потпираме исклучиво на либанската држава“, се вели во соопштението од канцеларијата на Аун.
Либанскиот претседател оцени дека новата рунда преговори би можела да биде „одлучувачка“ за постигнување на целта за целосно враќање на суверенитетот на Либан над целата територија на земјата.
Подготвено од А.Ѓ.