DECA 123

18.06.2026 Скопје

Владата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес издаде резолуција со која се регулира пристапот на децата до платформите на социјалните медиуми и се утврдува минимална возраст од 15 години за користење на социјалните медиуми.

Резолуцијата им овозможува на платформите на социјалните медиуми постепено да ги имплементираат новите стандарди, за време на преоден период до 12 месеци, во координација со надлежните органи, обезбедувајќи техничка и регулаторна подготвеност, објави денес владата на ОАЕ.

Според резолуцијата, на децата под 15 години им е забрането да креираат или користат лични профили на платформите на социјалните медиуми и нема да им биде дозволен пристап до нивните целосни функции.

На децата на возраст меѓу 15 и 16 години мора да им се обезбеди регулиран и безбеден пристап до платформи кои подлежат на класификација на содржината соодветна на возраста, ограничена интеракција, регулирано време на користење и родителска контрола.

Резолуцијата се однесува на сите платформи на социјалните медиуми што им овозможуваат на корисниците да креираат сметки или лични профили, да се вклучуваат во социјална интеракција, да објавуваат или споделуваат содржина или што се потпираат на алгоритамски системи за прикажување, рангирање или препорачување содржина, без разлика дали е бесплатна или платена.

Според резолуцијата, родителската согласност не претставува валидно ослободување од забраните или ограничувањата наведени во резолуцијата.

Ова значи дека дури и ако родителот даде дозвола, таа дозвола не може да се искористи за заобиколување на правилата во резолуцијата.

Резолуцијата, исто така, забранува употреба или обработка на лични податоци на децата за комерцијални цели врз основа на следење на нивните дигитални активности, т.е. на компаниите им е забрането да собираат и користат лични податоци на децата за деловни или рекламни цели преку следење на тоа што децата прават онлајн.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author