interpoll

22.06.2026 Скопје

Агенцијата за спроведување на законот на Европската унија, Европол, и глобалната меѓународна полициска организација Интерпол ја обновија својата заедничка посветеност во борбата против транснационалниот организиран криминал, согласувајќи се за нов сет на заеднички клучни оперативни приоритети (JKOPs) за водење на соработката меѓу двете организации во наредната година, објави денес Европската полициска агенција. Обновената рамка ја зајакнува координацијата низ низа области на криминал, вклучувајќи го организираниот и кибер криминалот, како и економскиот и финансискиот криминал и борбата против тероризмот, се вели во соопштението.

Приоритетите, заеднички развиени од оперативни експерти од двете организации, се дизајнирани да поддржат попроактивен и координиран одговор на активностите на криминалните мрежи што работат преку границите.

Договорот, наводно, официјално бил потпишан за време на Европската регионална конференција на Интерпол во Толедо, Шпанија, во мај 2026 година, од страна на заменик-извршниот директор за операции на Европол, Жан-Филип Лекуф, и извршниот директор за полициски капацитети на Интерпол, Харалд Арм, како и извршниот директор за поддршка на истраги, Стивен Фрај.

Како што е наведено, како дел од нивната соработка, поддршката на Европол за земјите-членки на ЕУ е комбинирана со меѓународниот дострел на Интерпол, овозможувајќи им на агенциите за спроведување на законот ширум светот да разменуваат разузнавачки информации, да координираат активности и да ги разбиваат најсериозните криминални мрежи.

Неодамнешните заеднички операции ја вклучуваат операцијата „Кустос Виридис“, во која Европол предводи меѓународна акција против криминалот во животната средина и трговијата со отпад, како и „Глобален синџир“, во која беа уапсени 158 трговци со луѓе, а 1.194 жртви беа заштитени во глобална акција.

Двете организации заеднички ја спроведоа операцијата „Пандора“, за време на која беа извршени 80 апсења и запленети повеќе од 37.700 артефакти во голема акција против трговијата со уметнички дела, се заклучува во соопштението.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author