market (1)

20.05.2026 Скопје

Затворањето на Ормутскиот теснец би можело да предизвика сериозна глобална криза со цените на храната во следните шест до 12 месеци, освен ако владите не преземат итни мерки, предупреди денес Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). ФАО соопшти дека одлуките што земјоделците и владите ги носат сега за употребата на ѓубрива, увозот, финансирањето и изборот на култури ќе одредат дали цените на храната ќе скокнат подоцна оваа година или на почетокот на 2027 година, објави Политико.

Според податоците на ФАО, последиците се веќе видливи, бидејќи индексот на цените на храната на организацијата, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на храната, порасна во април трет месец по ред поради високите трошоци за енергија и нарушувањата поврзани со конфликтите на Блискиот Исток.

Организацијата за храна и земјоделство на ОН предупредува дека кризата ќе се одвива постепено – прво преку зголемување на цените на енергијата, потоа на ѓубривата и семето, потоа преку пониски приноси, зголемување на цените на земјоделските суровини и конечно преку повисоки цени на храната за потрошувачите.

ФАО ги повика владите да пронајдат алтернативни трговски патишта за заобиколување на Ормутскиот теснец, да не воведуваат забрани за извоз и да ги заштитат хуманитарните текови на храна од трговски ограничувања.

Најсиромашните земји во Азија, Африка и Латинска Америка се најмногу изложени на ризик, каде што големи делови од населението веќе имаат тешкотии да обезбедат доволно храна, бидејќи овие земји традиционално се снабдуваат со азотни ѓубрива од Блискиот Исток.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author