KOS

11.05.2026 Скопје

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека во Европската Унија има место за сите земји од Западен Балкан.

Таа повтори дека проширувањето е приоритет за Европската Унија, но дека неговиот успех зависи од спроведените реформи во земјите кандидати.

„Ако нашите кандидати имаат резултати, ќе ги имаме и ние. Ние веќе ги имаме. Првпат по 17 години формиравме работна група за пристапување на нова земја, а тоа е Црна Гора. Покрај тоа, последниот „Евробарометар“ покажа навистина голема определеност на луѓето во Црна Гора да станат членка на ЕУ“, рече еврокомесарката за порширување.

Кос додаде дека спроведувањето на Планот за раст „оди добро“ и најави исплата на околу 100 милиони евра од тој фонд за Албанија и за Црна Гора.

Еврокомесарката се осврна и на изостанувањето на исплатата на пари за Србија од Планот за раст и негираше дека е донесена каква било формална одлука за замрзнување на тие средства. Сепак, таа призна дека од усвојувањето на законите на Мрдиќ, Србија не добила ниту едно евро.

„Сега постојано проверуваме дали сите држави што добиваат пари од Планот за раст ги исполнуваат критериумите. Вистина е дека од правосудните амандмани пред неколку месеци не сме исплатиле ништо, но не е донесена формална одлука дека нема да се исплаќа“, рече Кос, изразувајќи надеж дека Србија ќе ги исполни тие критериуми за да добие пари.

Таа додаде дека кандидатскиот статус подразбира посветеност на двете страни кон тој процес и дека од државата кандидат „се очекува да напредува, а не да назадува во одредени области“.

„За Србија има место во ЕУ, за демократска Србија“, нагласи Кос во изјава за новинарите пред состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи.

Марта Кос додаде и дека ЕУ има „видливи резултати“ кога станува збор за постепената интеграција, наведувајќи го како пример приклучувањето на Србија кон системот СЕПА, со што таа им се придружи на Албанија, Македонија и Црна Гора.

За помалку упатените, СЕПА, односно Единствената област за плаќања во евра (Single Euro Payments Area), е европски систем што овозможува брзи, поевтини и поедноставни безготовински плаќања во евра меѓу земјите што се дел од него. Со приклучувањето кон СЕПА, граѓаните и фирмите можат полесно да вршат трансфери кон земји од ЕУ и кон други учеснички држави, речиси како домашни плаќања.

Таа се заложи и за измена на методологијата за проширување, за принципот на постепена интеграција да се применува и во други области освен оние што се поврзани со заедничкиот пазар. Како пример ја наведе безбедносната политика, додавајќи дека за тоа интензивно се преговара со земјите-членки на ЕУ.

„И понатаму користиме методологија стара 40 години. А тоа значи дека живееме во поинакво време. Ова не е време на мир, немаме многу време“, рече таа.

Марта Кос најави нов самит на државите од Западен Балкан и од ЕУ на 5 јуни во Подгорица.

„Очекувам навистина силна посветеност од сите кандидати од Западен Балкан да останат на европскиот пат“, рече еврокомесарката за проширување, изразувајќи надеж дека Црна Гора ќе ги заврши преговорите за пристапување до крајот на оваа или на почетокот на следната година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author