22.05.2026 Скопје
Венецуела овој месец стана трет најголем снабдувач на сурова нафта во Индија, бидејќи војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец ги принудуваат земјите итно да бараат алтернативни извори на енергија.
Според службите за енергетска аналитика, испораките на венецуелска нафта во Индија се зголемија за речиси 50 проценти во споредба со април, што укажува на значителни промени во глобалните енергетски текови.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека се очекува вршителот на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, да ја посети Индија следната недела за да разговара за продажба на нафта и енергетска соработка.
Со околу 303 милијарди барели нафта, што претставува приближно 17 проценти од светските резерви, Венецуела има најголеми резерви на нафта во светот, поголеми дури и од оние на Саудиска Арабија и САД. Сепак, годините санкции на САД и економската криза значително го ослабнаа производството во земјата.
Со продлабочувањето на конфликтите на Блискиот Исток, а глобалниот пазар на нафта станува сè понестабилен, Вашингтон, според аналитичарите, се стреми да ја врати венецуелската нафта на светскиот пазар.
Индија значително го зголеми увозот на руска нафта во изминатиот период поради глобалната енергетска криза, што предизвика незадоволство во Вашингтон. Американските власти сметаат дека приходите од продажбата на енергија помагаат во финансирањето на руските воени активности во Украина.
Пред ескалацијата на кризата со Иран, индискиот премиер Нарендра Моди најави дека Индија постепено ќе ја намалува зависноста од руската нафта и ќе го зголемува увозот од САД и Венецуела.
Марко Рубио ќе биде во Индија од 23 до 26 мај, каде што ќе разговара за трговијата, одбранбената соработка и енергетската безбедност со индиски претставници.
„Сакаме да им продадеме онолку енергија колку што сакаат да купат“, рече Марко Рубио.
„Исто така, веруваме дека постојат можности кога станува збор за венецуелската нафта. Колку што знам, вршителот на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, ќе отпатува во Индија следната недела“, додаде тој.
Аналитичарите веруваат дека Вашингтон се обидува да ги преобликува глобалните синџири за снабдување со енергија со цел да го намали влијанието на Иран во евентуалните мировни преговори, но во исто време да ја зајакне контролата врз нафтениот сектор на Венецуела.
Подготвено од А.Ѓ.