tajvan-vlada

15.05.2026 Скопје

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денес изјави дека Пекинг верува оти САД „придаваат важност на загриженоста на Кина“ во врска со Тајван, по неодамнешните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.

„За време на состанокот, почувствувавме дека американската страна ја разбира позицијата на Кина и им придава важност на загриженоста на Кина и, како и меѓународната заедница, не ја поддржува ниту прифаќа желбата на Тајван за независност“, изјави Ванг за кинеските државни медиуми по состанокот меѓу американскиот и кинескиот лидер, објави Си-Ен-Ен. Ванг повтори дека прашањето за Тајван е „најважното прашање во односите меѓу Кина и САД“ и има влијание врз целокупните билатерални односи. Тој, исто така, го повика Вашингтон да се придржува до принципот „една Кина“ и претходните заеднички изјави на двете земји.

„Се надеваме дека американската страна ќе се придржува до принципот „една Кина“ и трите заеднички изјави меѓу Кина и САД и ќе ги исполни своите меѓународни обврски“, рече кинескиот министер за надворешни работи. Кина инсистира на толкувањето дека Тајван е дел од нејзината територија и се спротивставува на каква било форма на меѓународно признавање или поддршка за независноста на островот.

Американскиот претседател Трамп изјави дека за време на разговорите со кинеското раководство „не презел никакви обврски“ во врска со Тајван, додека Стејт департментот објави дека политиката на САД кон Тајван останува непроменета. Вашингтон нагласува дека сè уште ја одржува официјалната политика „една Кина“, но во исто време има неформални односи со Тајван и му обезбедува политичка и безбедносна поддршка.

Тајванските власти објавија дека внимателно го следат развојот на ситуацијата и одржуваат отворени канали за комуникација со САД, оценувајќи дека долгогодишната американска политика кон островот не се променила.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author