05.05.2026 Скопје
Соединетите Американски Држави ќе предложат резолуција до Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за одбрана на слободата на пловидба и обезбедување на Ормутскиот теснец, објави вечерва Стејт департментот.
„Исламската Република Иран продолжува да ја држи глобалната економија како заложник преку своите напори да го затвори Ормутскиот теснец, преку закани за напад врз бродовите во теснецот, преку поставување морски мини што претставуваат закана за бродовите и преку обиди за наплата на патарини на најважниот воден пат во светот. По налог на претседателот Трамп, САД, заедно со Бахреин и нашите партнери од Заливот, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар, составија резолуција на Советот за безбедност на ОН за одбрана на слободата на пловидба во Ормутскиот теснец“, се вели во соопштението на Стејт департментот. Нацрт-резолуцијата го повикува Иран да престане со нападите, поставувањето мини и наплатата на патарини, да го открие бројот и локацијата на поморските мини што ги поставил и да соработува во напорите за нивно отстранување, поддржувајќи го истовремено воспоставувањето хуманитарен коридор.
„Соединетите Американски Држави со нетрпение очекуваат гласање за оваа резолуција во наредните денови и добивање поддршка од членовите на Советот за безбедност и широка база на ко-спонзори“, додаде американскиот Стејт департмент во соопштението.
Подготвено од А.Ѓ.