19.05.2026 Скопје
Правосудниот испит не е прашање на политика, туку е прашање на стручност, професионализам и почитување на правниот поредок на државата, реагираше министерот за правда Игор Филков по вчерашниот протест на студентите Албанци во Скопје, на кој тие побараа државата да им дозволи да го полагаат правосудниот испит на албански јазик.
Најостро реагирам на обидот правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку е прашање на стручност, професионализам и почитување на правниот поредок на државата. Обидите законската обврска за познавање на македонскиот јазик да се претстави како дискриминација претставуваат опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок. Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем. Неприфатливо е чувствителни теми што директно влијаат на правниот систем да се користат за освојување политички поени или за создавање меѓуетнички тензии – изјави министерот Филков.
Како што истакна, правосудниот испит се спроведува во согласност со важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисок од улицата.
– Правото на протест е демократско право, но никој нема право да бара уривање на критериумите и стандардите во судството преку насилни протести. Министерството за правда останува отворено за разумен институционален дијалог, но нема да дозволи обезвреднување на судскиот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок. Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата – вели Филков.
Неколку часа пред протестот, премиерот Христијан Мицкоски вчера се сретна со коалициските партнери од албанскиот блок, копретседателите на „Вреди“, Билал Касами и Изет Меџити, кои пред состанокот најавија „добри вести во врска со прашањето за полагање правосуден испит на албански јазик“.
„Правосуден испит и на албански јазик! Добри вести наскоро…“ напишаа Касами и Меџити во идентичен пост, без да дадат никакви дополнителни информации.
Како што објави Вреди по состанокот, главниот фокус на состанокот беше употребата на јазикот при полагање испити, со цел да се најде модел кој ќе биде функционален, долгорочен и целосно во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците.
Во владиното соопштение за состанокот, сепак, се наведува дека заедничкиот, мудар и достоинствен пристап води кон решенија што значат напредок, градење меѓусебна доверба и заедничка иднина.
Подготвено од А.Ѓ.