21.05.2026 Скопје
Чешкиот претседател Петр Павел денес изјави дека НАТО и Европската Унија не се конкуренти кога станува збор за европската одбрана, туку дека треба да се надополнуваат едни со други.
Тој ова го изјави на отворањето на меѓународната конференција за безбедност GLOBSEC форум, која започна денес во Прага и трае три дена.
Павел повика на континуирана поддршка за Украина, наведувајќи дека земјата не само што ја брани Европа од Русија, туку го менува и начинот на кој Европа размислува за војувањето.
Чешкиот претседател оцени дека технологијата ќе игра клучна улога во идните конфликти и дека Европската Унија и САД треба да се инспирираат меѓусебно во областа на вештачката интелигенција, наместо само да соработуваат.
Павел, пензиониран генерал на НАТО, предупреди дека „мирот во Европа повеќе не може да се зема здраво за готово“.
„Мирот повторно мора активно да се заштитува, брани и одржува. Лекцијата од овој момент не е дека Европа е сама, туку дека мора да биде доволно силна за да застане на свои нозе доколку е потребно“, рече тој.
Павел додаде дека Европа мора брзо да дејствува и да ги искористи сите можности за зајакнување на својата позиција, бидејќи „историјата нема да чека Европа да биде подготвена“.
Подготвено од А.Ѓ.