GLUVCHE

06.05.2026 Скопје

Академик на Руската академија на науките, епидемиолог и потпретседател на Руската академија за образование Генадиј Онишченко денес изјави дека хантавирусите се пренесуваат првенствено преку прашина што содржи отпадни производи од заразени глодари, додека луѓето се инфицираат доста ретко.

„Како по правило, лицето ретко се разболува (од хантавирус)… Обично, инфекцијата се јавува преку воздух, кога се крева прашина со секрети или кога лицето ќе дојде во контакт со нив“, рече Онишченко.

Тој нагласи дека, иако вирусот може да се пренесе преку воздух, не постои толку интензивен начин на ширење како кај грипот, каде што може да се зарази преку престој во иста просторија.

„Тоа е природно фокална болест, како Ковид. Глодарите се разболуваат. Тие можат да се заразат и во шумите, но главно кога се во близина на човечки населби, како што се магацини, особено за храна“, рече рускиот академик.

Тој додаде дека епидемијата на хантавирус на крузер е „исклучително ретка појава“.

Најмалку три лица починаа од хантавирус на крузерот MV Hondius, кој пловел од Аргентина до Зелено’ртските Острови.

Уште тројца се заразени, додека едно лице е на интензивна нега во Јужна Африка.

Хантавирусите се семејство на вируси кои главно ги напаѓаат малите цицачи, но можат да се пренесат и на луѓето.

Во потешки случаи, се јавува оштетување на белите дробови, срцева слабост и хеморагична треска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author