15.05.2026 Скопје
Иран е заинтересиран за продолжување на преговорите со САД само ако другата страна е сериозна во врска со разговорот, изјави денес иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Зборувајќи на прес-конференција по самитот на БРИКС, тој нагласи дека Иран не им верува на САД.
Арагчи додаде дека Техеран се обидува да го одржи прекинот на огнот за да обезбеди шанса за дипломатско решение, но дека преговорите се забавуваат, како што оцени, поради недостаток на доверба.
Тој конкретно посочи дека САД и Иран се „во ќорсокак“ по прашањето за збогатување на иранскиот ураниум, што доведе до одложување на темата за подоцнежните фази од преговорите.
„Во моментов нема дискусија за тоа. Не е предмет на дискусија, но ќе ја допреме темата во подоцнежна фаза“, рече Арагчи.
Тој повтори дека главниот проблем во преговорите со САД е недостатокот на доверба кога станува збор за американските намери.
„Се сомневаме во нивната сериозност, но во моментот кога ќе почувствуваме дека се сериозни и подготвени за фер и избалансиран договор, сигурно ќе ги продолжиме преговорите“, рече Арагчи.
Претходно, иранскиот министер изјави дека Иран нема да подлегне на притисокот од САД и Израел, оценувајќи дека „опаѓачката империјална сила“ прибегнала кон агресија и дестабилизација на регионот, повикувајќи ги членките на БРИКС да ги осудат кршењата на меѓународното право и да го поддржат воспоставувањето на поправеден светски поредок.
Иран ќе го поздрави секој дипломатски притисок од Кина за деескалација на конфликтот со САД, изјави денес иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, на прес-конференција во Њу Делхи по состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС.
„Иран ќе го поздрави секој напор што Кинезите ќе го направат за поддршка на дипломатијата“, рече Арагчи.
Тој истакна дека напорите на Пакистан за медијација не се неуспешни, но дека тие „се соочуваат со многу тежок пат главно поради американското однесување“.
Кина е близок дипломатски партнер на Иран и голем купувач на иранска нафта, што беше една од клучните теми на разговор меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот САД-Кина во Пекинг.
Подготвено од А.Ѓ.