06.05.2026 Скопје
Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави денес дека Европа мора да направи сè за да го одржи присуството на американските сили на континентот, по најавата за повлекување на дел од трупите од Германија, нагласувајќи дека неговата земја е подготвена да прими дополнителни сојузнички сили.
„Очекуваме пристигнување на околу 5.000 германски војници до крајот на 2027 година, а веќе имаме повеќе од 1.000 американски војници на наша територија и сме подготвени да прифатиме повеќе во иднина“, рече Науседа.
Тој додаде дека новиот воен полигон во близина на границата со Полска и Белорусија ќе овозможи значително пошироки заеднички воени вежби со Полска.
Науседа, по разговорите со полскиот претседател Карол Навроцки, изјави дека полигонот ќе биде отворен и за заедничка обука на полските и литванските сили.
„Новиот полигон ќе обезбеди исклучително добри услови за вежби од големи размери, вклучително и тестирање на воени иновации“, нагласи литванскиот претседател. Американските трупи ротираат во Литванија од 2014 година, додека тешките батаљонски единици се распоредени од 2019 година, дополнително зајакнати со артилерија од 2022 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на април објави дека Вашингтон размислува за намалување на бројот на воени лица во Германија.
Тој рече дека Пентагон размислува за повлекување на дел од 40.000 американски војници стационирани во Германија. Трамп на социјалните мрежи изјави дека го разгледува распоредувањето на американските сили во Германија, каде што е седиштето на американската Европска команда, нагласувајќи дека сегашното распоредување е дел од пошироката стратегија на НАТО за одбрана на европскиот континент.
Подготвено од А.Ѓ.