06.05.2026 Скопје
Богатите во Холандија стануваат сè побогати бидејќи холандскиот даночен систем не успева да ги ублажи економските нееднаквости меѓу домаќинствата, а во некои случаи дури и го продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните, се вели во извештај објавен денес од Централното биро за економско планирање (CPB).
Според извештајот, помеѓу 2011 и 2019 година, приходите на најбогатите 0,01 процент од домаќинствата се зголемиле за повеќе од 70 проценти, додека за речиси сите други домаќинства, растот на приходите бил помеѓу четири и осум проценти.
Во истиот период, уделот на приходот што го заработуваат најбогатите еден процент од домаќинствата во Холандија се зголемил од 12 на 15 проценти, покажа анализата.
Експертите со години се залагаат за укинување на даночниот одбиток за каматата за хипотеки, иако сегашната холандска влада претходно вети дека ќе го остави системот непроменет на инсистирање на партијата VVD.
Во исто време, кабинетот се соочува со тешкотии во реформата на данокот на имот според „Вокс 3“, која се однесува на оданочувањето на заштедите и инвестициите.
Според анализата на Централното биро за економско планирање, прашањето колку е прифатлива нееднаквоста во општеството, како и степенот до кој даночниот систем треба да го прераспредели богатството, е одлука што мора да ја донесат владата и парламентот.
Сепак, во извештајот се истакнува дека укинувањето на постојните олеснувања и намалувањето на можностите за одложување и даночна арбитража би довело до поефикасен систем и, доколку е потребно, до порамноправна распределба на приходот.
„Ослободените средства би можеле да бидат насочени кон поддршка на помалку привилегираните семејства, за да можат и тие да го развијат својот потенцијал. Ова на крајот би придонело за целокупниот економски просперитет“, се наведува во анализата на CPB.
Подготвено од А.Ѓ.