Foto-2

17.04.2026 Скопје

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Истанбул се сретна со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. На средбата беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.

Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во пукањето во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова.

На средбата со Ердоган, таа посочи дека преку своите институции и компании: од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.

Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница.

Сиљановска-Давкова ја поздрави турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.

Обајцата се согласија дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.

На средбата се разговараше за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции. Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати.

Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата.

Претседателката престојува во Турција по повод учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.

Подготвено од М.Д.

About Author