22.04.2026 Скопје
Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесоа предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пратениците, со кој се предвидува нов услов — избрани претставници во законодавниот дом да можат да бидат само луѓе кои имаат исклучиво македонско државјанство.
Предлогот, кој е доставен по скратена постапка, предвидува дополнување на членот 2, со нови одредби според кои кандидат за пратеник мора „да е државјанин само на Република Македонија“, покрај останатите постојни услови како полнолетство, деловна способност и неосудуваност.
Во документот, кој е потпишан од повеќе пратеници, меѓу кои и Антонијо Милошоски, се наведува дека целта е да се уредат условите за избор на пратеници и да се прецизираат критериумите за вршење на функцијата.
Предлог-законот предвидува и усогласување со Изборниот законик во рок од 30 дена по неговото евентуално стапување во сила.
Подготвено од А.Ѓ.