20.04.2026 Скопје
Европската Унија влегува во сериозна демографска фаза на опаѓање, при што до крајот на векот се очекува населението да се намали за дури 53 милиони луѓе или 11,7 проценти, покажуваат најновите проекции на Евростат.
Според податоците, ЕУ во 2025 година имала околу 451,8 милиони жители, со благ раст по падот за време на пандемијата. Сепак, овој тренд нема да трае долго – се очекува населението да достигне врв од 453,3 милиони во 2029 година, по што ќе започне долгорочно намалување на 398,8 милиони до 2100 година.
Проекциите се базираат на фактори како наталитет, морталитет и миграции, при што се очекува постепено изедначување на трендовите меѓу земјите-членки. Паралелно со намалувањето на бројот на жители, значително ќе се промени и старосната структура на населението.
Учеството на децата и младите до 19 години ќе се намали од сегашните 20 на 17 проценти, додека работоспособното население на возраст од 20 до 64 години ќе падне од 58 на 50 проценти. Во исто време, бројот на постари лица ќе расте – групата од 65 до 79 години ќе се зголеми од 16 на 17 проценти, а лицата над 80 години ќе пораснат од шест на дури 16 проценти.
Овие бројки укажуваат на забрзано стареење на европското население, со намалување на младите генерации и работната сила. Веќе сега, демографската структура се карактеризира со долг животен век, низок наталитет и доминација на постари возрасни групи, особено над 50 години.
Стареењето на населението веќе има директни последици врз пазарот на труд – предупредуваат од Еврофаунд.
Заминувањето на „бејби бум“ генерацијата во пензија дополнително го зголемува притисокот врз работната сила и пензиските системи, со растечки ризик од недостиг на работници.
Од друга страна, Меѓународен монетарен фонд посочува дека постарата популација, доколку остане здрава, би можела постепено повеќе да се вклучува на пазарот на труд, со што би се ублажиле дел од негативните ефекти и би се зголемила продуктивноста.
Подготвено од М.Д.