denari-plata-1

07.04.2026 Скопје

Иако нема прецизна официјална бројка колку пари потрошија македонските граѓани на платформата Тему минатата година, сепак податоците за 2025 година јасно покажуваат дека токму ваквите агресивни е-трговски играчи стојат зад рекордниот одлив на средства кон странство. Македонците лани потрошиле дури 50,3 милијарди денари (818,2 милиони евра) со картички надвор од земјата, а повеќе од половина – 26,3 милијарди денари (427,8 милиони евра) – завршиле во онлајн купувања. А во тој сегмент, Тему, заедно со Алиекспрес, Амазон и Шеин, има сè поголемо влијание врз потрошувачките навики.

Вкупната вредност на трансакциите со картички во странство бележи годишен раст од над 9,3 милијарди денари (151,5 милиони евра), односно за 22 насто, што е најголем раст во последната деценија. Пари ги анализираше податоците на Народната банка, од кои произлезе дека клучниот двигател е е-трговијата, која бележи раст од околу 52 насто, односно дополнителни 8,8 милијарди денари (143,4 милиони евра) во споредба со 2024 година.

Паралелно, традиционалните начини на трошење остануваат речиси непроменети. Повлекувањето готовина од банкомати во странство е на исто ниво како и претходната година, додека плаќањата на ПОС-терминали бележат минимален раст, од 21,5 милијарди денари (350 милиони евра) во 2024 година на 21,9 милијарди денари (357 милиони евра) во 2025 година.

Овој нагорен тренд доаѓа во време кога платформи како Тему драматично ги менуваат навиките на потрошувачите. Со ултраниски цени, бесплатна или евтина достава и постојани попусти, тие поттикнуваат масовно нарачување производи со мала вредност, но во огромен обем. Токму оваа комбинација, ниска цена и висока фреквенција на купување, создава значителен износ што се прелева во странство.

Плаќањата од РС Македонија кон Тему не се процесираат само во една држава, туку минуваат преку неколку глобални платежни процесори и европски платежни инфраструктури, а токму затоа во статистиките често како дестинација се појавуваат Холандија, Велика Британија или САД, иако производите доаѓаат од Кина. Тему користи повеќе глобални платни процесори и финтек компании за обработка на картични плаќања во различни региони. Меѓу главните партнери се Adyen, со седиште во Амстердам, потоа глобалниот процесор за картични плаќања Checkout.com и платформите Nuvei и PPRO, кои процесираат локални плаќања во Европа.

Подготвено од М.Д.

About Author