01.04.2026 Скопје
Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека сите глобални спонзорски пакети за годинашното Светско првенство (СП) се продадени, што е голема пресвртница за комерцијалната програма на турнирот, пишува ФИФА.
Ова е веќе најуспешната комерцијална програма во историјата на ФИФА и ние уште градиме динамика. Видовме невиден интерес од брендови низ целиот свет и само со две преостанати регионални можности очекуваме овие последни позиции да бидат пополнети многу наскоро – рече главниот директор за бизнис на ФИФА, Роми Гаи, зборувајќи на конференцијата „Бизнис на фудбалот“ во Атланта, пренесе ФИФА.
Програмата за комерцијално партнерство на СП 2026 има експоненцијален раст и е на пат да генерира ниво на приходи што ги надминува претходните циклуси на светски првенства со значителна маргина, пишува Светската фудбалска федерација.
Овој успех е поткрепен со новиот модел на комерцијално партнерство лансиран во 2023 година, кој им нуди на партнерите поголема флексибилност, приспособување и иновативни средства. Програмата обединува светска класа на комерцијални партнери, вклучувајќи водечки глобални и регионални брендови од различни индустрии и локации, а од долгогодишни партнери на ФИФА до возбудливи нови учесници, програмата ги одразува глобалниот дострел и привлечноста на фудбалот. На СП 2026 ќе играат 48 репрезентации, ќе има 104 меча во 16 града во Канада, Мексико и во САД, се очекува повеќе од шест милиони гледачи да присуствуваат на натпреварите и приближно шест милијарди луѓе да се вклучат во турнирот на сите платформи, со што овие невидени размери го позиционираат натпреварувањето за редефинирање на глобалниот спортски пејзаж – пишува ФИФА на својата интернет-страница.
Бидејќи ФИФА е непрофитна организација, приходите што ги генерира од СП се реинвестираат за да се поттикне растот на фудбалот, машкиот, женскиот и младинскиот фудбал, низ 211-те асоцијации членки на ФИФА низ целиот свет, пишува Светската фудбалска федерација.
Подготвено од М.Д.