15.04.2026 Скопје
Европските земји размислуваат за формирање широка меѓународна коалиција без учество на САД за да се обезбеди непречен поморски сообраќај низ Ормускиот теснец по завршувањето на конфликтот, истовремено спротивставувајќи се на вклучувањето на „завојуваните страни“ и нагласувајќи ја координацијата со регионалните актери.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е предвидена меѓународна одбранбена мисија во која нема да бидат вклучени „завојуваните страни“, прецизирајќи дека ова се однесува на САД, Израел и Иран.
Операцијата би се одвивала во три фази – воспоставување логистика за ослободување на стотици заглавени бродови, спроведување голема операција за расчистување на мини со употреба на повеќе од 150 европски миночистачи и распоредување фрегати и уништувачи за воена придружба, по моделот на мисијата во Црвеното Море. Планот ги одразува зголемените трансатлантски тензии откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повика европските сојузници да се приклучат на воените напори на САД, вклучително и блокада на иранските пристаништа.
САД во понеделник во 16 часот по средноевропско време воведоа блокада на Ормутскиот теснец, што се однесува на сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежни области, вклучувајќи ги и пристаништата во Арапскиот и Оманскиот Залив. Доналд Трамп се закани дека секој ирански брод што ќе се приближи до американската блокада на Ормускиот теснец ќе биде уништен.
Подготвено од М.Д.