rabota vo kancelarija

27.04.2026 Скопје

Измените на Законот за јавните претпријатија доаѓаат во момент кога јавните претпријатија со години се предмет на критики со политичко влијание, неефикасност и недоволна финансиска дисциплина.

Разрешување на директорот веднаш, доколку има непочитување на законите, има несовесно работење и предизвикување материјална штета, се само дел од измените и дополнувањата на Законот за јавните претпријатија кој е во собраниска процедура. Со измените државата најавува значајно заострување на условите за избор и разрешување на директорите, како и воведување посилни механизми за транспарентност, отчетност и професионално управување. Реформата доаѓа во момент кога јавните претпријатија со години се предмет на критики за политичко влијание, неефикасност и недоволна финансиска дисциплина.

Според новите законски решенија, со јавните претпријатија основани од Владата ќе раководи директор кој има заменик. Двајцата ќе се избираат и ќе се разрешуваат од Управниот одбор, со мандат од четири години. Кај јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, директорот го именува и разрешува градоначалникот, но со задржување на обврската за јавен конкурс и јасно утврдени критериуми.

Една од најважните измени е обврската за објавување јавен оглас за избор на директор и заменик-директор во најмалку три дневни весници на национално ниво. Дополнително, еден од огласите мора да биде објавен и во медиум на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во државата.

Со ова законодавецот се обидува да обезбеди поширока достапност на информациите и да спречи затворени процеси на избор, кои во јавноста често беа предмет на критики.

Покрај тоа, се зголемува и транспарентноста на самиот процес на селекција, при што се очекува објавување на условите, критериумите и резултатите од изборот, со цел јавноста да има увид во начинот на донесување одлуки. Новите одредби воведуваат и јасно дефинирани услови кои кандидатите за директори и нивни заменици мора да ги исполнуваат. Меѓу нив покрај државјанство и завршено високо образование со најмалку 240 ЕКТС и минимум пет години работно искуство.

Разрешување ако не се почитува законот
Законот значително ја проширува листата на основи за предвремено разрешување на директорите. Освен непочитување на законите, статутот или одлуките на управниот одбор, директорот може да биде разрешен и поради несовесно работење и предизвикување материјална штета, недоставување на финансиски извештаи и годишни сметки и необјавување на задолжителни извештаи на веб-страницата на претпријатието.

Во случај на разрешување, управниот одбор или градоначалникот е должен во рок од пет дена да именува вршител на должноста директор, кој може да ја извршува функцијата најмногу шест месеци. Иако и претходно постоеше законска рамка за јавни конкурси и мандат од четири години, во пракса системот често беше критикуван како недоволно транспарентен и подложен на политички влијанија. Во досегашниот модел на бирање, управните одбори или градоначалниците формално ги носеа одлуките и често се назначуваа вршители на должност (в.д.) без целосни конкурси.

Со новите измени, властите најавуваат дека целта е деполитизација на јавните претпријатија, зголемување на професионалните стандарди и подобрување на финансиското управување. Се очекува директорските позиции да бидат попристапни за стручни кадри, а помалку зависни од политички договори. Сепак, и покрај законските измени дел од експертската јавност предупредува дека клучниот предизвик нема да биде усвојувањето на законот, туку неговата доследна примена во пракса. Според нив, и најстрогите критериуми можат да ја изгубат својата тежина доколку процесите на селекција останат под политичко влијание или доколку недостасува реален надзор врз работата на управните одбори.

Дополнителна дилема отвора и практиката со вршителите на должност. Иако законски е ограничен мандатот на в.д. директорите, во изминатите години тие често остануваа на функција подолго од предвиденото, што отвораше простор за институционална нестабилност.

Паралелно со тоа, јавните претпријатија се соочуваат и со финансиски предизвици, од натрупани долгови до неефикасно управување со ресурсите. Во таков контекст, се очекува новите директори да бидат не само административни раководители, туку и менаџери со јасна одговорност за резултатите.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author