28.03.2026 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека светот е поблиску од кога било до Блискиот Исток кој е „конечно ослободен од иранскиот терор и нуклеарната уцена“.
„47 години, Иран е познат како агресор на Блискиот Исток, но тие веќе не се агресор. Тие се во бегство“, рече Трамп.
Тој ги повтори своите тврдења дека американската војска е најмоќна во светот и дека Иран би употребил нуклеарно оружје доколку го развие и дека иранската војска е „десеткувана“.
Тој рече дека Вашингтон и Техеран во моментов водат разговори и дека „би било одлично ако можеме да направиме нешто“.
Тој го повика Иран повторно да го отвори Ормутскиот теснец.
„Тие мора да го отворат Трамповиот теснец, мислам на Ормутскиот теснец. Лажните медиуми ќе речат дека го кажав случајно, но не, нема несреќи со мене“, рече Трамп.
Американскиот претседател рече дека врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, „веќе не е врховен“ и дека Иран е „единствената земја каде што никој не сака да биде лидер“.
Осврнувајќи се на „подарокот“ за кој тврди дека Иран им го испратил на САД, Трамп рече дека станува збор за 10 танкери со нафта како дел од преговорите за завршување на војната, сугерирајќи дека тоа е форма на извинување.
„Се испостави дека сум бил во право. Тие преговараат, што го признаа два дена подоцна. И за да ја надоместат својата погрешна изјава, рекоа дека ќе испратат уште осум танкери со нафта, кога требаше да испратат само два“, рече Трамп.
Осврнувајќи се на НАТО, тој рече дека е разочаран од одлуката на алијансата да не помогне во војната против Иран.
„Секогаш велев дека НАТО е тигар од хартија. Ако некогаш имаше голема војна, ви гарантирам дека немаше да бидеме таму“, рече Трамп, алудирајќи на потенцијална Трета светска војна.
Тој ги нарече францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц пријатели, но исто така изрази незадоволство од нивното дистанцирање од војната против Иран.
„Украина исто така не беше наша војна, но ние им помогнавме“, рече тој.
Подготвено од М.Д.