27.03.2026 Скопје
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја отфрли идејата на албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ за пристап до Шенген зоната и заедничкиот пазар без полноправно членство во Европската Унија(ЕУ).
Таа нагласи дека условите за влез во Шенген зона и Европска Унија се речиси идентични и бараат спроведување на сериозни и длабоки реформи, без можност за компромиси.
„Дали лидерите знаат колку треба да постигнат за да бидат дел од Шенген или заедничкиот пазар?“, изјави Кос, потенцирајќи дека нема „краток пат“ до европските интеграции.
Идејата на Рама и Вучиќ беше изнесена во авторски текст за германски весник, каде тие укажаа на бавниот напредок во процесот на интеграција и предложија нивните земји да добијат пристап до економските придобивки од Унијата, без да имаат политичко право на одлучување.
Кос, говорејќи на настан, го оцени овој предлог како неприфатлив и повтори дека Унијата ќе инсистира на целосно исполнување на критериумите.
Таа истакна дека и во рамки на можниот модел на постепена интеграција, реформите остануваат клучен услов.
Подготвено од М.Д.