seka

24.03.2026 Скопје

Глобалната економија е соочена со исклучително голема закана поради војната во Иран, предупреди денеска шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол.

Ниту една земја нема да остане имуна на ефектите од оваа криза доколку ситуацијата продолжи да се движи во овој правец – рече Бирол во Канбера, Австралија.

Според него, кризата на Блискиот Исток има полоши последици за нафтата отколку двата нафтени шока во 70-тите години на минатиот век, а нејзините ефекти врз ситуацијата со гасот се полоши од последиците од руско-украинската војна.

Ситуацијата е многу сериозна – предупреди Бирол.

Тој потсети дека нафтените кризи од 1973 и 1979 година доведоа до загуба на вкупно 10 милиони барели дневно, предизвикувајќи големи економски проблеми и рецесии ширум светот.

Денес се губат 11 милиони барели дневно, што е повеќе отколку за време на двата големи нафтени шока заедно – рече Бирол.

Бирол наведе дека пазарите на гас, особено во Европа, по руската инвазија на Украина изгубиле околу 75 милијарди кубни метри, а досега, како резултат на војната на Блискиот Исток, е изгубено речиси двојно повеќе, односно околу 140 милијарди кубни метри.

Додаде дека 40 енергетски објекти во девет земји ширум регионот се „тешко или многу тешко оштетени“.

Кога станува збор за некои од виталните артерии на глобалната економија, како што се петрохемиските производи, ѓубривата, сулфурот, хелиумот, нивната трговија е прекината, што ќе има сериозни последици по глобалната економија – рече тој.

Бирол информира дека Меѓународната агенција за енергија, со цел да ја ублажи кризата, пуштила на пазарот резерви од 400 милиони барели нафта, „што е историски настан“.

Никогаш не сме пуштиле толку нафта на пазарите. Најважното решение за овој проблем е отворањето на Ормускиот Теснец – порача тој.

Тој додаде дека се консултира со владите во Европа, Азија, Северна Америка и на Блискиот Исток за можноста за пуштање понатамошни резерви на нафта.

Ќе видиме, ќе ги следиме пазарите. Ако биде неопходно, секако, ќе го сториме тоа, но ќе ги следиме и анализираме приликите и ќе го процениме пазарот во разговор со нашите земји членки – заклучи тој.

Подготвено од М.Д.

About Author