04.09.2025 Скопје
Може ли кето-диетата различно да влијае врз мажите и жените? Студија од Универзитетот за здравствени науки во Сан Антонио, Тексас, сугерира на тоа, а естрогенот би можел да промовира различна заштита од несакани ефекти на диетата, како што е акумулацијата на клетки што експресираат маркери на возраст (стареење).
Студијата открива дека машките, но не и женските глувци што биле на кето-диета покажале акумулација на клетки во органите што експресираат маркери на клеточно стареење. Кето-диетата е популарен режим со ниска содржина на јаглехидрати и висока содржина на масти, што може да им помогне на некои пациенти со дијабетес тип 2 да го контролираат шеќерот во крвта, а на оние со епилепсија да ги контролираат нападите. Клетките што експресираат маркери на стареење можат да придонесат за намалување на целокупната телесна функција поврзана со возраста.
Овие резултати сугерираат дека специфичноста на полот ги менува ефектите од кето-диетата, со важни клинички импликации – истакнал д-р Дејвид Џиус, главниот автор на студијата од Универзитетот во Сан Антонио.
Во изминатите децении кето-диетата стана популарна и во Северна Америка и Европа. Иако диетите можат да подобрат одредени здравствени параметри, доказите од истражувања на глувци и клинички студии сугерираат дека ефектите може да зависат од повеќе варијабли, вклучувајќи придржување, метаболизам и, што е важно, пол, што укажува дека хормонскиот статус може да влијае врз одговорот.
Џиус вели дека улогата на полот во одговорот на кето-диетите е недоволно проучена.
Во новата студија тимот на Гиус забележал зголемување на клеточното стареење предизвикано од кето-диета само кај машки глувци, освен кога им бил даден женскиот хормон естроген. Машките глувци на кето-диета, исто така, покажале зголемување на маркерите на оксидативен стрес, за кој е познато дека придонесува за стареење во клетките. Имено, истражувачите откриле дека третманот со естроген или естрадиол спречил зголемување на клеточното стареење и оксидативен стрес кај машки глувци на кето-диета, како и неколку воспоставени антиоксиданси.
Тие, исто така, забележале дека кога на женките им бил администриран тамоксифен – селективен инхибитор на естрогенските рецептори кој ги блокира ефектите на естрогенот – тие покажале зголемување на оксидативниот стрес и клетките кои експресираат маркери за стареење, исто како и кај машките глувци.
Овие резултати покажуваат дека естрогенот е важна варијабла во одговорот на кето-диетaта – истакнал Џиус.
Истражувачите откриле и дека исхраната со многу масти – која содржи повеќе јаглехидрати – предизвикува стареење на клетките кај машките, но не и кај женските глувци.
Подготвено од М.Д.