10.05.2024 Скопје
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека наскоро ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи со значителна разлика на изборите во Република Северна Македонија ќе работат за европската перспектива на земјата или ќе одат во друга насока.
Тој ова го изјави откако заедно со бугарската потпретседателка Илијана Јотова положија цвеќе пред споменикот на Непознатиот воин по повод 9 мај.
„Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓоѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска“, изјави Радев.
Бугарскиот претседател рече дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, „но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство“. Според него, тоа значи „промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“.
„Откажување од јазикот на омразата што беснееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на Бугарите во земјата“, истакнал Радев.
Повеќе отстапки нема никаде да праваиме, изјави бугарскиот премиер и министер за надворешни работи Димитар Главчев во врска со изборните резултати во Република Северна Македонија.
Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира. Се надевам дека ќе ја продолжат својата европска перспектива. Ставот што го имаме е паневропски став, на нашите пријатели од Република Северна Македонија им е јасно дека доколку не ги исполнат условите за членство во ЕУ нема да функционира, рече техничкиот премиер Главчев.
Подготвено од М.Д.