07.05.2024 Скопје
„Околу 90 отсто од приходите од замрзнатите руски средства треба да се потрошат за купување оружје за Украина“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц, поддржувајќи го претходниот предлог на ЕУ за користење на руските средства за одбрана на Украина.
„Важно е да се согласиме и дека овие пари може да се користат за купување оружје не само во ЕУ, туку и во целиот свет“, рече Шолц по состанокот со членовите на владите на трите балтички земји во Рига.
Инаку, во март, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, предложи да се искористат 90 отсто од приходите од замрзнатите руски средства во Европа и да се префрлат во фонд на ЕУ што ја финансира Украина.
Наводно, околу 70 отсто од сите руски средства на Запад се чуваат во централниот депозитар за хартии од вредност Euroclear во Белгија, во кој се сместени над 190 милијарди евра хартии од вредност и готовина на руската централна банка.
„Германија и балтичките земји се залагаат за брзо проширување на производството на оружје во Европа“, рече Шолц, додавајќи дека производството на муниција и системи за противвоздушна одбрана веќе е зголемено.
Во меѓувреме, литванската премиерка Ингрида Симоните рече дека европската одбранбена индустрија се бори со финансиските проблеми и неизвесноста околу долгорочниот производствен капацитет, но дека е оптимист за планираната фабрика Рајнметал во Литванија.
Подготвено од М.Д.