09.05.2024 Скопје
Обновливите извори на енергија сега сочинуваат над 30% од светското производство на електрична енергија, се вели во извештајот кој вчера го објави енергетскиот тинк тенк Ember. Растот на соларната енергија и на ветрот доведе до тоа светот во 2023 година за прв пат да надмине 30% обновливи извори за електрична енергија, се вели во извештајот на Ember.
Според извештајот, уделот на енергијата произведена од обновливи извори пораснал од 19% во 2000 година на над 30% во 2023 година. Тој раст е резултат на зголемената употреба на енергија од ветрот и сонцето.
Уделот на производството на електрична енергија од хидроелектрани и останати обновливи извори на енергија во вкупното производство на енергија се намалило во текот на истиот период, се вели во извештајот.
Од Ember сугерираат дека уделот на електрична енергија од фосилни горива може да почне да се намалува уште годинава. Брзиот раст на соларната енергија и на енергијата од ветрот го доведе светот до клучна пресвртница – веројатно уште годинава, кога производството на фосилни горива ќе почне да опаѓа на глобално ниво, се вели во извештајот.
Исто така, се наведува дела бројките за 2023 година доаѓаат од 80 земји, кои претставуваат 92% од глобалната побарувачка за енергија.
Подготвено од М.Д.