26.04.2024 Скопје

Бројот на Австријците во апсолутна сиромаштија е зголемен за повеќе од 50 отсто, од 201.000 во 2022 година на 336.000 лани, објави во четвртокот Државниот завод за статистика.

Во однос на бројот на жители, ова претставува зголемување од 2,3 отсто во 2022 година на 3,7 отсто во 2023 година, што е најголем број во последните пет години.

Според бројките презентирани од австриската статистика, погодените луѓе не можеле да си дозволат многу секојдневни работи како кирија, греење или храна.

Децата и младите се релативно почесто погодени од сиромаштија отколку возрасните. Околу 5,3 отсто од луѓето на возраст под 18 години (88.000 луѓе) биле значително финансиски и социјално загрозени. Спротивно на тоа, 1,9 отсто од оние над 65 години (30.000 луѓе) се погодени.

Според австриските статистики, ризикот од сиромаштија остана главно стабилен и покрај високата инфлација. Уделот на ранливите лица се зголеми за 0,1 процентен поен на 14,9 отсто или околу 1,3 милиони луѓе во Австрија.

41 отсто од самохраните родители и 31 отсто од семејствата со најмалку три деца се изложени на ризик од сиромаштија.

Според податоците, процентот на жители во ризик од сиромаштија би бил дури 42 отсто без државните социјални бенефиции.

„Зголемувањето на цените на храната, киријата и енергијата ја влоши ситуацијата на луѓето кои живеат во сиромаштија“, изјави австрискиот министер за социјални работи Јоханес Рауч, додавајќи дека тоа е срамно за земја како Австрија.

Министерот го оцени како загрижувачки растот на детската сиромаштија во Австрија.

„За мене е целосно неприфатливо децата да растат во сиромаштија“, посочи тој.

Податоците доаѓаат од истражување на околу 6.000 австриски домаќинства како дел од годишното истражување на ЕУ-Силц.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *