27.04.2024 Скопје

На природните дијаманти им требаат милијарди години за да се формираат длабоко под земја под екстремен притисок и температури. Синтетичките скапоцени камења можат да се создадат многу побрзо, а процесот трае од неколку дена до неколку недели. Со помош на нов метод базиран на мешавина од течни метали, експертите успеале да „одгледаат“ вештачки дијаманти за неколку часа, без потреба од екстремно висок притисок.

Иако процесот сè уште се изведува на екстремно високи температури (околу 1000°C), за само 150 минути се формираше континуиран дијамантски филм и под притисок од 1 atm (стандардна атмосфера). Станува збор за притисокот што го чувствуваме на средното ниво на морето, односно, кој е десетици илјади пати помал отколку што е нормално потребно.

Научниците од Институтот за основни науки во Јужна Кореја веруваат дека целиот процес може дополнително да се подобри, што може да доведе до пробив во производството на синтетички дијаманти. Експертите претходно експериментираа со растворање на јаглеродот за време на производството на дијаманти.

На пример, пред половина век, компанијата Џенерал Електрик развила метод за создавање дијаманти со топење на железен сулфид. Но, процесот сепак бараше притисок од 5 до 6 гигапаскали.

„Откривме метод за создавање дијаманти при притисок од 1 атм и на умерена температура со помош на легура на течен метал“, велат научниците во новото истражување.

Потребата за помал притисок беше постигната со користење на внимателно измешана легура на течни метали: галиум, железо, никел и силициум. По само 15 минути се појавија мали фрагменти од дијамантски кристали, а за два и пол часа континуиран филм со дијамант.

Иако концентрацијата на јаглеродот што ги формира кристалите е намалена на подлабоки нивоа, научниците веруваат дека со неколку прилагодувања можат да го подобрат целиот процес.

„Веруваме дека едноставните модификации би можеле да овозможат одгледување дијаманти на многу голема површина со користење на поголема површина, конфигурација на грејни елементи и различна дистрибуција на јаглерод во областа за раст на дијамантите“, велат експертите.

Иако за овие прилагодувања ќе биде потребно време, а истражувањето на овој процес се уште е во рана фаза, научниците веруваат дека тоа е метод со голем потенцијал. Процесот кој моментално се користи за создавање на повеќето синтетички дијаманти трае неколку дена и бара многу повисоки притисоци. Доколку се оптимизира, оваа нова техника би можела значително да го забрза и олесни производството на синтетички дијаманти.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *