22.04.2024 Скопје

Наградата за специјален промотор на читачката култура за 2024 година деновиве ја доби Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје што ја доделува Македонска асоцијација на издавачи. Комисијата на Македонска асоцијација на издавачи смета дека со кампањата „Читаме современи македонски автори“, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје даде сериозен придонес во развивањето и промовирањето на читачката култура во Република Северна Македонија.

Низата од синхронизирани активности, како што е издвојување на книга на месецот од македонски автор, проследено со промоција, разговор со авторот и дискусија за книгата во неформален клуб на читатели придонесе за зголемување на интересот на читателската публика за современата македонска книжевност. Комисијата го нагласува и промовирањето и истакнувањето на книгите во самите објекти на библиoтеката, како и промоцијата и претставувањето на македонските автори и дела преку медиумите и социјалните мрежи. Зголемениот интерес на членовите на библиотеката за домашните автори и авторки, како и зголемениот откуп од издавачите на книги од македонски автори потврдува дека оваа кампања ги остварила зацртаните цели.

Треба да се истакне дека на долг рок, „Читаме современи македонски автори“ од кампања може да се претвори во стратегија која ќе изврши уште поголемо влијание во унапредувањето на читачката култура во Република Северна Македонија.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *