26.04.2024 Скопје

На состанокот на највисоките дипломати на САД и Кина, денеска (26 април) во Пекинг, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го предупреди својот американски колега Eнтони Блинкен, да не преминува преку кинеските црвени линии.

Ванг го отвори состанокот со прашање кое повеќе звучеше како предупредување, а тоа е дали Кина и Соединетите Држави (САД) треба да се држат до вистинската насока да се движат напред со стабилност или да се вратат на надолната патека.

„Кинеско-американските односи почнуваат да се стабилизираат, но тие се уште се тестираат од „негативни фактори. Двете земји би можеле да соработуваат или не, па дури и „да влезат во конфликт“, рече Ванг.

Тој нагласи дека за Кина црвените линии се суверенитетот, безбедноста и развојот и ги предупреди САД да не ги надминуваат.

Блинкен, кој е во втора посета на Кина за помалку од една година, беше повнимателен во неговите забелешки на Ванг пред новинарите.

„Пекинг и Вашингтон имаат заедничка одговорност да ги придвижат односите напред преку „активна дипломатија“, рече тој.

И покрај тоа, тој рече дека ќе биде јасен и директен за разликите меѓу нивните земји за да се избегнат погрешни пресметки во нивните односи.

Некои од овие разлики беа истакнати претходно оваа недела, откако Вашингтон го одобри својот најнов пакет помош што вклучуваше воена помош за Тајван. Ова предизвика остри критики од Пекинг, кој го нарече „сериозно кршење на принципот една Кина“.

Кина тврди дека самоуправниот Тајван е отцепена провинција која на крајот ќе дојде под контрола на Пекинг, но островот се смета себеси за одделен.

Посетата на Блинкен, исто така, доаѓа неколку дена откако САД го усвоија законот што ќе го принуди Тик-Ток во кинеска сопственост да продава или да биде забранет во Америка.

Зад сцената, Американците го предупредуваа Пекинг да престане да извезува делови во Русија за кои вели дека и помагаат на Москва во нејзината војна во Украина.

Посетата, колку и да е студена, сепак, е дел од значителното зголемување на дијалогот и дипломатијата меѓу овие ривалски сили, како обид да се изедначат односите по периодот на огромна тензија минатата година.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *