25.04.2024 Скопје

Во надлежност на „Градски паркинг“ во 2023 година биле 10.163 паркинг места, од кои 1.983 се на јавни паркиралишта со наплатна рампа, 7.130 на површините за зонско паркирање и 1.050 во двете катните гаражи со кои стопанисува, „Беко“ и „26 Јули“. Како што наведуваат од претпријатието, ова е за повеќе 586 паркинг-места во однос на претходната година.

И разбирливо, најголема финансиска корист претпријатието има од наплата на паркирање. Во 2023 година од вкупно остварените приходи од речиси 258 милиони денари, нешто повеќе од 227 милиони денари се од јавните паркиралишта, кои на претпријатието му донеле за 13,59 отсто повеќе пари отколку во претходната година.

Според остварените приходи по јавните паркиралишта, втор е Секторот Пајак, па така, како што е наведено, од подигнување возила „пајакот“ заработил 27,8 милиони денари.

Минатата година претпријатието остварило вкупни приходи од 257.855.203 денари, расходите изнесувале 247.298.133 денари, а остварената добивка по оданочување била 9.362.467 денари.

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ и годинава продолжува да се „шири“ низ Скопје, односно да го регулира паркирањето на сѐ повеќе јавни површини низ општините. Според Инвестиционата програма за 2024 година, која иако е крај на април, сѐ уште не е усвоена од градските советници, а која претпријатието на терен веќе ја реализира, паркирањето ќе се наплатува во делови од Карпош, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Имајќи предвид дека најголемите приходи „Градски паркинг“ ги остварува токму од наплата за паркирање, тоа значи дека може да се очекува дека и наредната година ова јавно претпријатие ќе биде едно од ретките што нема да биде во загуба.

Минатата година се отворени нови паркинг-места преку проширување на зонското паркирање на територија на Општина Карпош и на Аеродром. Почна со работа зона Д 42 кај „Мида“ и проширени се зоните Д1 и Д9 во Аеродром.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *